Украина објави дека за првпат од почетокот на војната соборила руски стратешки бомбардер.
Руското министерство за одбрана потврди дека авион „ту-22М3“ паднал во пуста област во јужниот регион Ставропол, стотици километри од украинската граница.
„Авионот се урна додека се враќаше во базата по борбена мисија. Причината за падот е технички проблем. Тројца пилоти успеале да се катапултираат од авионот и се трага по уште еден“, соопшти министерството.
Гувернерот на Ставропол, Владимир Владимиров, дополнително изјави дека еден од спасените пилоти починал.
„Првпат досега, противвоздушните единици на нашите воздушни сили во соработка со украинското воено разузнавање уништија стратешки бомбардер со долг дострел ‘ту-22М3‘“, објави украинската војска.
Русија редовно ги користи овие авиони за да лансира крстосувачки проектили кон Украина од своја територија. Тие исто така можат да носат нуклеарни глави.