„Интуитив машинс“ стана првата приватна компанија која спуштила летало на Месечината. Компанијата од Хјустон објави дека нејзиниот робот „Одисеј“ ноќеска слетал близу јужниот пол на Месечината. На контролорите им требаа неколку минути за да утврдат дека леталото се спуштило, пред да го примат сигналот.
„Можеме да потврдиме, без сомнение, дека нашата опрема е на површината на Месечината и имаме пренос“, изјави директорот на летот Тим Крејн.
„Одисеј“ е првото американско летало кое се спуштило на Месечината од последната мисија на „Аполо“ во 1972. НАСА откупи простор во „Одисеј“ за шест научни инструменти и нејзиниот директор Бил Нелсон ја опиша мисијата како триумф.
„САД се вратија на Месечината. Денеска, првпат во историјата на човештвото, приватна, американска компанија лансираше летало и стигна таму“, изјави Нелсон.
Планот беше „Одисеј“ да слета на кратерски терен близу пет километри високиот планински комплекс Малаперт и тоа е најјужната точка на Месечината која досега била посетена од летало. Тоа е едно од местата каде што НАСА би можела да испрати астронаути за неколку години во рамките на програмата „Артемис“.
Клучно истражување на „Одисеј“ ќе биде да се разгледа однесувањето на лунарната прашина, за која астронаутите на „Аполо“ утврдија дека претставува сериозна непријатност и ја гребела и затнувала нивната опрема.