Доналд Трамп денеска ќе се сретне со Володимир Зеленски на Светскиот економски форум во Давос, додека американските претставници Стив Виктоф и Џаред Кушнер ќе бидат кај Владимир Путин во Москва за да разговараат за можен мировен план за Украина. Трамп вели дека завршувањето на војната е „разумно блиску“, повикувајќи ги двете страни да склучат договор.
„Мора да ја запреме оваа војна. Верувам дека сега се во фаза кога можат да се здружат и да постигнат договор. Ако не го сторат тоа, глупави се“, кажа Трамп, алудирајќи на Зеленски и Путин.
Виткоф смета дека Русија е сериозна дека сака да склучи договор штом ги поканила да дојдат во Москва.
„Тоа е значајна изјава од нивна страна“, кажа Виткоф.
Овие средби се случуваат среде очигледен застој во преговорите. Во меѓувреме, Русија продолжи да ја напаѓа украинската енергетска инфраструктура, оставајќи го Киев без струја, вода и греење на многу ниски температури.
Зборувајќи на состанокот на рускиот Совет за безбедност доцна синоќа, Путин рече дека ќе се сретне со Виткоф и Кушнер во Москва за да го продолжат дијалогот за украинското решение и да разговараат за Одборот за мир на Трамп, кој кажа дека Русија веќе ја прифатила поканата за членство.



