Рускиот претседател Владимир Путин денеска нареди построго обезбедување на Кримскиот мост, како и инфраструктурата за електрична енергија и гас до полуостровот, јави руската агенција Интерфакс.
Путин го потпиша декретот со наредбата неколку часа откако мостот денеска беше тешко оштетен од експлозија. За безбедноста на мостот, според наредбата на Путин, надлежна ќе биде Федералната служба за безбедност (ФСБ).
„На Федералната служба за безбедност на Руската федерација ѝ се доделува надлежноста да организира и координира мерки за заштита на транспортот и преносот на електрична енергија преку теснецот Керч, како и главниот гасовод меѓу регионот Краснодар и Крим за време на операцијата“, се вели во декретот на Путин.
- ОВА Е САМО ПОЧЕТОК, КАЖА СОВЕТНИК НА ЗЕЛЕНСКИ ЗА ЕКСПЛОЗИЈАТА НА КРИМСКИОТ МОСТ
- КЛУЧНИОТ МОСТ МЕЃУ КРИМ И РУСИЈА СЕРИОЗНО ОШТЕТЕН ПО ГОЛЕМА ЕКСПЛОЗИЈА
Според декретот, ова се прави за да се зајакне безбедноста на Кримскиот мост. Утринава, силна експлозија го оштети Кримскиот мост, пуштен во употреба во 2018 година, четири години по руската анексија на Крим.