Владимир Путин ѝ порача на Ангела Меркел дека секаков обид за мешање во внатрешните работи на Белорусија би бил неприфатлив, соопшти Кремљ.
„Тоа би довело до ескалација на политичката криза во Белорусија“, ѝ рекол Путин на германската канцеларка во денешниот телефонски разговор.
Меркел претходно му порача на Минск да се воздржи од насилство, да ги ослободи политичките затвореници и да почне разговори со опозицијата.
Лукашенко се наоѓа под најголемиот притисок во своето 26-годишно владеење и протестите не престануваат откако тој беше обвинет за местење на изборите од 9 август. Тој кажа дека нема намера да се повлече, ниту да закаже нови избори.
Лукашенко денеска одликуваше припадници на безбедносните сили кои му помогнаа да ги разбие досегашните протести, во кои беа уапсени околу 7.000 луѓе.