Рускиот претседател Владимир Путин му се јавил на американскиот претседател Доналд Трамп да му се заблагодари за помошта од ЦИА во спречувањето на серија бомбашки напади во Санкт Петерзбург, соопшти Кремљ. За време на телефонскиот разговор, втор на двајцата лидери во три дена, Путин изразил благодарност за информацијата од ЦИА.
Кремљ соопшти дека информацијата од ЦИА им овозможила на руските безбедносни агенции да фатат група осомничени кои планирале да детонираат бомби во катедралата Казан и на други места со многу луѓе.
„Информацијата примена од ЦИА се покажа како доволна да се пронајдат и уапсат осомничените“, велат од Кремљ.
Во соопштението се вели и дека Путин побарал од Трамп да ја пренесе неговата благодарност на ЦИА и го уверил американскиот претседател дека ако руските разузнавачки агенции добијат информации за потенцијални терористички закани против САД и нивните граѓани, тие веднаш за тоа ќе ги информираат своите американски колеги.
Во петокот, руската агенција ФСБ објави дека уапсила седуммина припадници на Исламска држава и притоа заплени значителна количина експлозиви, оружје и екстремистичка литература. Нападот требало да се случи вчера.