Владимир Путин го назначи искусниот дипломат Александар Дарчиев за нов руски амбасадор во САД, додека двете земји продолжуваат да ги подобруваат односите по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа. Вашингтон претходно го одобри назначувањето на Дарчиев на средбата на руски и американски функционери во Турција.
Дарчиев досега беше шеф на одделот за Северна Америка во руското министерство за надворешни работи, а во минатото често јавно го осудуваше западот.
На средбата во Истанбул пред една недела, двете делегации се договорија да го обноват нормалното функционирање на своите амбасади во Москва и Вашингтон. Русија немаше амбасадор во САД од октомври, кога Анатоли Антонов ја напушти функцијата.
Шеесет и четиригодишниот Дарчиев во два долги мандата работеше во руската амбасада во Вашингтон и беше амбасадор во Канада од 2014 до 2021.
Трамп значително ја промени американската политика кон Русија, додека се обидува да најде брзо решение за крај на војната во Украина.