Доналд Трамп најави голем напредок околу војната во Украина во пресрет на утрешната средба со Володимир Зеленски и европските лидери во Белата куќа.
„Голем напредок околу Русија! Бидете во тек!“, напиша Трамп на својата социјална мрежа, додавајќи дека имал одличен состанок со Владимир Путин на Алјаска.
Неговиот специјален пратеник Стив Виткоф даде нови детали за самитот, велејќи дека Путин се согласил со силни безбедносни гаранции за Украина, опишувајќи го ова како пресвртница.
„Се договоривме дека САД и европските земји би можеле ефикасно да понудат формулација слична на Член 5 за да покријат безбедносна гаранција“, кажа Виткоф.
Член 5 од договорот со НАТО наведува дека вооружен напад врз една членка би се сметал за напад врз сите членки и покренува колективна одбрана. Путин жестоко се противи на членството на Украина во НАТО и Виткоф вели дека овој аранжман би можел да биде алтернатива.
Тој додаде дека се разговарало и за територија, при што „Путин направил некои отстапки во однос на сите окупирани региони“.
„Доњецк останува важна тема на дискусија и за тоа ќе се разговара и утре“, рече Виткоф.
На самитот во Енкориџ, Путин наводно побарал од Украина целосно да се повлече од источните региони Доњецк и Луганск, во замена за замрзнување на остатокот од фронтот.
Виткоф кажа дека имале добар, детален разговор со Зеленски на враќање од Алјаска и верува дека утрешниот состанок во Вашингтон може да биде продуктивен.