Владимир Путин кажа дека Русија во изминатите два дена ја нападнала Украина со 100 проектили и 466 дронови како одговор на неодамнешните украински напади со американски и британски проектили со долг дострел. Тој истовремено се закани дека центри за носење одлуки во Киев би можеле да станат мета на новиот руски балистички проектил „орешник“.
„Русија беше принудена да го распореди новиот проектил како одговор на непријателските акции. Во светот нема ништо налик на ‘орешник‘, ниту ќе се појави на западот во скоро време. Во случај на масовен напад со овие проектили, силината на ударот би била како на нуклеарно оружје. Меѓу метите би можеле да бидат и центри за носење одлуки во Киев“, кажа Путин на самит во Астана, Казахстан.
Западни експерти сметаат дека „орешник“ лансиран врз Днипро минатата недела бил експериментален балистички проектил со среден дострел способен да носи нуклеарна глава. Неговиот теоретски домет е 5.500 километри, што значи дека Русија со него може да гаѓа каде било во југозападна Европа, но не и САД.
„Русија произведува десет пати повеќе проектили од сите членки на НАТО заедно и производството на проектили со долг дострел ќе порасне за 25-30% во 2025. Русија има уште неколку системи како ‘орешник‘ кои се спремни за употреба“, тврди Путин.