Володимир Зеленски верува дека Владимир Путин веќе ја започнал третата светска војна. Зборувајќи за Би-Би-Си по повод четвртата годишнина од почетокот на руската инвазија врз Украина, Зеленски кажа дека неговото видување на војната се разликува од она на Доналд Трамп.
„Имаме различен поглед во однос на трета светска војна. Јас верувам дека Путин веќе ја започнал. Прашањето е колку територија ќе успее да заземе и како да го запреме“, рече Зеленски.
Тој смета дека Русија сака да му наметне на светот поинаков начин на живот и да ги промени животите што луѓето ги избрале за себе.
„Затоа верувам веќе долго време дека Путин веќе ја започнал оваа војна и ние спречуваме таа да прерасне во широка, целосна трета светска војна“, кажа Зеленски.
Запрашан дали му верува на Доналд Трамп за американските безбедносни гаранции за Украина, Зеленски одговори:
„Како претседатели, имаме фиксни мандати. Сакаме гаранции за 30 години, на пример. Ќе треба одобрение од Конгресот. Претседателите се менуваат, но институциите остануваат“.
Зеленски нагласи дека на долг рок целта е да се вратат сите територии окупирани од Русија и да се вратат границите на Украина утврдени во 1991 година.
„Во моментов, ова не е можно. Да се направи тоа денес би значело губење на огромен број луѓе, милиони луѓе, затоа што руската армија е голема и ние ја разбираме цената на таквите чекори. Нема да имаме доволно луѓе. Исто така, немаме доволно оружје. Тоа зависи не само од нас, туку и од нашите партнери“.
Зеленски уште еднаш категорично ја отфрли можноста за отстапување на териториите во регионите Доњецк, Херсон и Запорожје кои Русија не успеа да ги освои.
„Не го гледам тоа едноставно како земја. Го гледам како ослабување на нашите позиции, напуштање на стотици илјади наши луѓе кои живеат таму. И сигурен сум дека ова повлекување би го поделило нашето општество“, рече Зеленски, не потврдувајќи дали ќе се кандидира на идни избори во Украина.
Четири години од почетокот на војната, Русија контролира околу 20% од Украина, вклучувајќи го и претходно анектираниот Крим. Според Институтот за проучување војна, руските сили лани зазеле околу 4.700 квадратни километри територија, сето тоа проследено со огромни жртви и без да се остварат клучните цели на „специјалната воена операција“.



