Ракети на Хезболах го погодија третиот по големина израелски град Хаифа, а десетмина луѓе се повредени на северот на земјата, додека се одбележува една година од почетокот на војната во Газа, која во меѓувреме го зафати и Либан. Хезболах кажа дека нападнал воена база јужно од Хаифа со проектили „фади 1“, но медиумите објавија дека две ракети паднале и во градот, при што има оштетени згради и имоти.
Во исто време, израелската војска кажа дека нејзините борбени авиони бомбардирале цели на Хезболах во Бејрут, вклучувајќи го седиштето на разузнавањето на групата.
Со церемонии и протести во Ерусалим и јужен Израел, денеска се одбележува првата годишнина од упадот на Хамас во Израел, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а 250 беа земени како заложници, од кои 101 и натаму се во Газа. Еден од најголемите безбедносни пропусти во историјата на Израел доведе до безмилосното бомбардирање на Газа, додека Израел се обидуваше да го уништи Хамас, но по една година, на војната не само што не ѝ се наѕира крајот, туку постои реален ризик да се прошири на целиот Блиски Исток. Палестинските власти велат дека во израелските напади врз Газа загинале речиси 42.000 луѓе.
По една година војување, израелската војска соопшти дека бомбардирала повеќе од 40.000 цели во Газа, пронашла 4.700 тунелски отвори и уништила 1.000 ракетни лансери. Притоа загинале и 726 израелски војници, од кои 380 во нападот на 7 октомври 2023.
„Во исто време, кон Израел се испукани 13.200 ракети од Газа, 12.400 од Либан, 60 од Сирија, 180 од Јемен и 400 од Иран“, кажа војската, укажувајќи на тоа колку страни се вклучени во конфликтот.