Албанскиот премиер Еди Рама ја нагости Иванка Трамп, ќерката на американскиот претседател, во Валона откако владата минатата година одобри луксузен проект што ќе го гради компанија на нејзиниот сопруг Џаред Кушнер.
Комитетот за стратешки инвестиции, што го води Рама, го прифати предлогот на „Атлантик инкјубејшн партнерс“ за изградба на луксузен ресорт од 45 хектари на малиот ненаселен остров Сазан, кој некогаш бил воен пункт. Вредноста на проектот е 1,4 милијарди долари.
„Јуроњуз Албанија“ објави дека Рама имал работна вечера со Иванка Трамп во Валона, во чија близина се наоѓа Сазан, а присуствувале и членовите на нејзиниот работен тим и архитекти од целиот свет.
Фирмата на Кушнер поднела барање за овој проект во декември 2023. Тој ќе се развива во соработка со албанската влада, која го означила како стратешка инвестиција. Островот Сазан своевремено бил советска база за подморници, а денес има статус на зона забранета за цивили.




