РАЗГОВОРИТЕ РУСИЈА-УКРАИНА ВО ЖЕНЕВА ЗАВРШИЈА ПО ДВА ЧАСА, ЗЕЛЕНСКИ ЈА ОБВИНИ МОСКВА ДЕКА ГИ ОДОЛГОВЛЕКУВА ПРЕГОВОРИТЕ

    РАЗГОВОРИТЕ РУСИЈА-УКРАИНА ВО ЖЕНЕВА ЗАВРШИЈА ПО ДВА ЧАСА, ЗЕЛЕНСКИ ЈА ОБВИНИ МОСКВА ДЕКА ГИ ОДОЛГОВЛЕКУВА ПРЕГОВОРИТЕГлавниот руски преговарач Владимир Медински кажа дека следната средба ќе се одржи во блиска иднина (Фото: ТАСС)

    Завршија мировните разговори помеѓу Русија и Украина во Женева, при што денеска траеле само два часа.

    „Преговорите траеја два дена, вчера беа долги, а денеска околу два часа. Беа тешки, но деловни. Следната средба ќе се одржи во блиска иднина“, изјави главниот руски преговарач Владимир Медински.

    Володимир Зеленски исто така ги опиша разговорите како тешки и ја обвини Русија дека намерно ги одолговлекува преговорите за крај на војната, која следната недела влегува во петтата година.

    „Можеме да кажеме дека Русија се обидува да ги развлече преговорите, кои веќе можеа да стигнат до последната фаза. Имаше разговори помеѓу украински, американски и руски претставници. Украинската делегација, заедно со американскиот тим, се сретна и со европски претставници, од Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Швајцарија. Сметаме дека учеството на Европа во процесот е неопходно за успешно спроведување на целосно изводливи договори“, кажа Зеленски.

    Тој додаде дека во Женева не бил постигнат договор за нерешените прашања, како судбината на Донбас и иднината на нуклеарната централа Запорожје.

    Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф изјави дека бил постигнат значаен напредок на првиот ден на мировните разговори во Женева, додека Зеленски го критикуваше Доналд Трамп дека постојано бара преголеми отстапки од Киев. Трамп претходно кажа дека успехот на разговорите зависи од Украина, без да ја спомне Русија, иако таа не се откажува од своите максималистички територијални барања.

    Руските новински агенции цитираа извор дека разговорите вчера биле многу напнати и траеле шест часа во различни билатерални и трилатерални формати.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира