РОБ ЈЕТЕН ПОБЕДИ НА ИЗБОРИТЕ ВО ХОЛАНДИЈА КАКО ЛИДЕР НА ПОЗИТИВНИТЕ СИЛИ, ГЛАСАЧИТЕ ГИ ОСВОЈУВАШЕ СО НАСМЕВКА И ОПТИМИЗАМ

    РОБ ЈЕТЕН ПОБЕДИ НА ИЗБОРИТЕ ВО ХОЛАНДИЈА КАКО ЛИДЕР НА ПОЗИТИВНИТЕ СИЛИ, ГЛАСАЧИТЕ ГИ ОСВОЈУВАШЕ СО НАСМЕВКА И ОПТИМИЗАМРоб Јетен е на пат да биде најмладиот и прв геј премиер во историјата на Холандија (Фото: АП)

    Лидерот на холандската центристичка партија Д66, Роб Јетен (38), го промени својот имиџ за време на кампањата од досаден министер за климатски и енергетски политики во оптимистичен политичар кој постојано вели „да, можеме“. Тој сега е на пат да биде најмладиот и прв геј премиер во историјата на Холандија, по одличниот настап на неговата партија на вчерашните предвремени парламентарни избори.

    Д66 веројатно ќе има ист број пратеници како десничарската Партија на слободата, по 26, но ќе биде фаворит за формирање влада бидејќи полесно ќе најде коалициски партнери.

    Со дотерани пораки и зголемени трошоци за рекламирање, Јетен се оттргна од традиционалните социјално-либерални теми на Д66 како климатски промени и образование, свртувајќи се кон контроверзните теми за имиграција и криза на домувањето. Во тој процес, Јетен успеа да придобие дел од гласачите кои претходно беа за десничарските партии.

    Ниеден друг политички лидер не беше толку присутен во медиумите за време на кампањата како Јетен, а неговите весели пораки, оптимизам и насмевка ги освоија гласачите. Речиси не помина вечер без него на телевизија. Кога лидерот на крајната десница Герт Вилдерс откажа едно појавување од безбедносни причини, Јетен го искористи моментот и го зазеде неговото место. Тој дури се натпреваруваше во популарниот квиз „Најпаметната личност“, што беше снимено пред неколку месеци.

    Јетен го обвини Вилдерс за киднапирање на холандскиот идентитет и за правење поделби. Држејќи се до својот оптимистички пристап, Јетен објави порака на Инстаграм во пресрет на изборите, велејќи дека е време позитивните сили да победат.

    „Заедно можеме да го победиме Вилдерс, јас сум подготвен“, рече тој.

    Јетен би бил првиот геј премиер на Холандија, иако неговата сексуалност не одигра важна улога во кампањата и во неговата досегашна политичка кариера. Сега е во врска со аргентинскиот хокејар Николас Кинан, со кого треба да се венча следниот август. Јетен кажа дека се запознале во супермаркет, кога Кинан го препознал од негови видеа на ТикТок.

    Роден во јужната провинција Брабант, Јетен од млади години бил поддржувач на Д66, која се опишува себеси како прогресивна и социјално-либерална партија. За пратеник првпат беше избран во 2017, по што стана министер за климатски и енергетски политики во владата на Марк Руте и негови колеги велат дека бил премногу нападен во врска со климата.

    Под негово водство, Д66 освои само девет пратенички места на претходните избори во 2023, а некои критичари го нарекуваа „Робот Јетен“ поради неговите крути и досадни настапи во јавноста. Неговите поддржувачи, пак, го сметаат за млада верзија на Марк Руте, кој сега е шеф на НАТО.

    Либералниот лидер има големи амбиции, а најголемиот предизвик ќе му биде справувањето со станбената криза во Холандија, каде што недостигаат околу 400.000 домови. Јетен сака да го реши тоа така што ќе изгради 10 града.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира