Романскиот премиер Марцел Чолаку поднесе оставка и неговата Социјалдемократска партија излезе од владата откако десничарот Џорџе Симион победи во првиот круг на претседателските избори вчера.
Симион, кого често го нарекуваат романскиот Доналд Трамп, освои над 40% гласови и ќе биде голем фаворит во вториот круг на 18 мај, кога ќе се соочи со либералниот градоначалник на Букурешт, Никушор Дан. По ваквиот резултат на изборите, Чолаку кажа дека неговата коалиција не ги исполнила целите и веќе нема легитимитет.
Чолаку ја предводеше владејачката коалиција од лани, по изборите на кои крајнодесничарската партија на Симион заврши на третото место.
Успехот на Симион на вчерашните избори во голема мера се должи на незадоволството на народот од поништувањето на првиот круг на гласањето пред речиси шест месеци поради наводно руско мешање. Симион е националист и евроскептик кој се противи на воената поддршка за Украина, жестоко го критикува раководството на ЕУ и се опишува себеси како природен сојузник на Доналд Трамп.