Русија го изведе најголемиот ракетен напад на Киев и Украина во последните неколку недели, при што се оштетени енергетски објекти и дојде до прекини во снабдувањето со електрична енергија. Делумни затемнувања се пријавени во пет региони во источниот, западниот и централниот дел на земјата, што ги врати сеќавањата на руските воздушни напади на клучната инфраструктура од минатата зима.
„Поради последиците од првиот непријателски напад во последните шест месеци, има штети на енергетски објекти во западните и централните региони. Имаше делумни затемнувања во регионите Ривне, Киев, Житомир, Днепар и Харкив“, изјави операторот на електричната мрежа „Укренерго“.
Заповедникот на генералштабот на украинската војска Валери Залужни објави дека Русија испукала 43 крстосувачки ракети ноќеска, од кои 36 биле соборени.
„Проектилите беа лансирани во неколку бранови. Тие навлегоа во украинскиот воздушен простор од повеќе насоки, постојано менувајќи ја маршрутата“, кажа Залужни.
Градоначалникот на Киев, Витали Кличко, изјави дека во градот се повредени седум луѓе, а вкупно 18 низ целата земја.