РУСИЈА ГИ ПОВИКА СТРАНСКИТЕ АМБАСАДИ ВО КИЕВ ДА СЕ ЕВАКУИРААТ ПОРАДИ НЕИЗБЕЖНИ ОДМАЗДНИЧКИ НАПАДИ АКО УКРАИНА ЈА НАРУШИ ВОЕНАТА ПАРАДА ВО МОСКВА

    РУСИЈА ГИ ПОВИКА СТРАНСКИТЕ АМБАСАДИ ВО КИЕВ ДА СЕ ЕВАКУИРААТ ПОРАДИ НЕИЗБЕЖНИ ОДМАЗДНИЧКИ НАПАДИ АКО УКРАИНА ЈА НАРУШИ ВОЕНАТА ПАРАДА ВО МОСКВАГодинашната воена парада во Москва ќе биде со намален обем и нема да биде изложена воена техника (Фото: Гети)

    Руското министерство за надворешни работи ги повика странските амбасади и меѓународни организации во Киев да го евакуираат својот персонал, предупредувајќи на неизбежни одмазднички напади врз градот ако Украина се обиде да ги наруши прославите на Денот на победата во Русија утре. Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, упати формално известување до странските влади и организации присутни во Киев да ги евакуираат своите вработени од претпазливост поради голема можност од руски напади ако, како што кажа, „Украина ги оствари своите криминални, терористички намери на 9 мај“.

    „Руските дипломатски мисии во странство моментално ги информираат земјите-домаќини и меѓународните организации за ова известување. Тоа не е нешто што треба да се игнорира. Мора да се сфати многу, многу сериозно“, рече Захарова.

    Русија еднострано прогласи примирје во Украина за 8 и 9 мај, што се совпаѓа со прославата на победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна, но Володимир Зеленски кажа дека Украина не е обврзана да го почитува. Како одговор на руското примирје, Украина предложи прекин на огнот на неопределено време, што требаше да почне во средата на полноќ.

    „Кремљ е уплашен дека украинските дронови би можеле да ја нарушат парадата во Москва. Ако Русија сака безбедно да ја одржи церемонијата, нека се придржува до нашето примирје. Секојдневното убивање луѓе не е погодно за јавни прослави, како парадата во Москва“, кажа Зеленски.

    Годинашната воена парада во Москва ќе биде со намален обем и нема да биде изложена воена техника.

    „Нашите тенкови се зафатени во моментов, се борат. Ни требаат повеќе на бојното поле отколку на Црвениот плоштад“, рече рускиот пратеник Евгениј Попов.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира