Русија го повика НАТО да се откаже од ветувањето од 2008 година дека Украина еден ден ќе стане членка на западната воена алијанса, а Украина да се согласи на неутралност. Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека членството на Украина во НАТО е неприфатливо за Русија, а едноставно одбивање да ѝ се дозволи да се придружи на НАТО исто така е недоволно за Москва.
„Треба да се истакне дека одбивањето да се прими Украина во НАТО не е доволно сега. Алијансата мора да се откаже од ветувањето од Букурешт од 2008. Во спротивно, овој проблем ќе продолжи да ја труе атмосферата на европскиот континент“, изјави Захарова.
Таа додаде дека Украина мора да се врати на позицијата од декларацијата за суверенитет од Советски Сојуз од 1990, во која стои дека Украина ќе остане неутрална држава, нема да учествува во воени сојузи и нема да има нуклеарно оружје.
„Она што Украина треба да го направи е да се врати на корените на својата државност. Тоа ќе биде најдобрата гаранција на нејзината безбедност. Членство во НАТО и западна интервенција во вид на мировни сили нема да ѝ дадат таква гаранција“, рече Захарова.
На самитот во Букурешт во 2008, НАТО објави дека Украина и Грузија ќе станат членки на алијансата, без да прецизира кога.
Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, кој ја предводеше руската делегација на денешната средба со САД во Ријад, порача дека Москва нема да прифати трупи на НАТО или ЕУ во Украина како дел од мировен план.