РУСИЈА ГО ПРЕТСТАВИ МЕМОРАНДУМОТ ЗА КРАЈ НА ВОЈНАТА, БАРА ГОЛЕМИ ДЕЛОВИ ОД УКРАИНА И РУСКИОТ ДА БИДЕ ОФИЦИЈАЛЕН ЈАЗИК

    РУСИЈА ГО ПРЕТСТАВИ МЕМОРАНДУМОТ ЗА КРАЈ НА ВОЈНАТА, БАРА ГОЛЕМИ ДЕЛОВИ ОД УКРАИНА И РУСКИОТ ДА БИДЕ ОФИЦИЈАЛЕН ЈАЗИКРусија бара целосно воено повлекување на Украина од Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје (Фото: АП)

    Русија рекла на мировните разговори во Истанбул дека ќе се согласи да ја заврши војната ако Украина се откаже од големи делови од земјата и прифати да ја ограничи големината на својата војска, стои во мировниот меморандум, објавен од руските државни медиуми.

    Условите, кои формално биле претставени денеска во Истанбул, го нагласуваат одбивањето на Русија да прифати компромиси во однос на своите воени цели, и покрај повиците од Доналд Трамп да се стави крај на крвопролевањето. Украина постојано ги споредува условите на Русија со капитулација.

    Двете делегации разговарале околу еден час, при што договориле размена на воени заробеници, со фокус на младите и најтешко ранетите и враќање на телата на 12.000 загинати војници. Сепак, не бил постигнат напредок околу примирјето. Москва вели дека сака трајно решение, а не пауза во војната.

    Новинската агенција „Интерфакс“ објави дека во рускиот меморандум се бара меѓународно признавање на Крим и на украинските региони Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје, што Русија ги смета за свои територии. Понатаму се бара Украина да биде неутрална земја, да ги заштити правата на руските говорници, да го прогласи рускиот за официјален јазик и да воведе законска забрана за славење на нацизмот.

    Русија претставила две опции како пат кон примирјето. Првата е целосно воено повлекување на Украина од Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје, а втората е Украина да запре со воените прераспределувања и да се откаже од странска помош, сателитски комуникации и разузнавачки информации. Украина исто така би морала да ја укине воената состојба и да одржи претседателски и парламентарни избори во рок од 100 дена.

    Украина кажа дека го добила рускиот меморандум и ќе го проучува во следните седум дена, пред да реши за натамошните чекори.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира