Урсула фон дер Лајен повика на поголемо трошење за одбрана во Европа во следните пет години откако денеска со тесно мнозинство беше повторно избрана за претседателка на Европската комисија.
„Има нешто погрешно во равенката кога Русија троши до девет отсто од својот бруто домашен производ за одбрана, а европскиот просек е 1,9%. Војна беснее на европските граници, мора да бидеме спремни за она што следува и да работиме рамо до рамо со НАТО. Нашите трошоци за одбрана мора да се зголемат“, изјави Фон дер Лајен.
Таа додаде дека Европа се соочува со тешки избори кои бараат огромни вложувања во безбедност и просперитет.
Горниот дом на рускиот парламент денеска изгласа зголемување на трошоците за одбрана за 30% за следната година, додека земјата продолжува со војната во Украина. Во буџетот за 2025 предвидени се 13,5 трилиони рубли (125 милијарди долари) за националната одбрана, што е повеќе од вкупните средства предвидени за социјална помош и образование.
Москва веќе ги зголеми воените трошоци на нивоа што не се видени од советската ера, со цел да се произведуваат проектили и беспилотни летала и да се исплатуваат високи плати за десетици илјади војници на фронтот.