Русија денеска ги отфрли разговорите со шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, за прекин на војната во Украина, нарекувајќи ја неа и раководството на блокот „некомпетентни“. На раководството на ЕУ му недостасуваат визионери со поглед кон иднината, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за руската државна телевизија.
„Тие се некои необучени, некомпетентни функционери кои не гледаат кон иднината и не се во можност да го разберат системот на координати што постои денес“, рече тој. Целиот систем на меѓународни односи страда како резултат на тоа, додаде Песков. Тој истакна дека Европската Унија стигнала од замислена зависност од руската нафта и гас до зависност од САД.
Песков беше особено критичен кон Калас, поранешна естонска премиерка.
„Со неа никогаш нема да разговараме за ништо, а Американците исто така нема да го сторат тоа. Москва ќе почека додека таа не ја напушти функцијата“, рече тој.
Песков зборуваше по разговорите во Обединетите Арапски Емирати вчера и завчера меѓу украинските и руските претставници, со присуство на американски медијатори.



