РУСИЈА ЈА НАПАЃА УКРАИНА СО ПРОЕКТИЛ ПОРАДИ КОЈ ТРАМП ГО НАПУШТИ ДОГОВОРОТ ЗА НУКЛЕАРНО ОРУЖЈЕ, ВЕЛИ КИЕВ

    РУСИЈА ЈА НАПАЃА УКРАИНА СО ПРОЕКТИЛ ПОРАДИ КОЈ ТРАМП ГО НАПУШТИ ДОГОВОРОТ ЗА НУКЛЕАРНО ОРУЖЈЕ, ВЕЛИ КИЕВСАД го напуштија Договорот за проектили со среден дострел во 2019 поради „9М729“ (Фото: ЕПА)

    Русија во изминатите месеци ја напаѓала Украина со крстосувачки проектил чиј таен развој го натерал Доналд Трамп да го напушти договорот за контрола на нуклеарно оружје со Русија во својот прв претседателски мандат, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха. Ова е прва потврда за користењето на проектилот „9М729“ во борбени услови, што досега не беше коментирано од Москва.

    Висок украински функционер изјави дека Русија ги лансирала овие проектили 23 пати од август годинава. Две лансирања биле регистрирани и во 2022.

    САД го напуштија Договорот за проектили со среден дострел (ИНФ) во 2019 поради „9М729“, за кој кажаа дека го прекршува договорот зашто може да лета подалеку од дозволеното ограничување од 500 километри. Според Центарот за стратешки и меѓународни истражувања во Вашингтон, овој проектил може да носи конвенционална и нуклеарна боева глава и има дострел од 2.500 километри.

    Извор од украинската војска кажа дека Русија испукала ваков проектил на 5 октомври и притоа летал над 1.200 километри до планираната мета во Украина.

    Употребата на забранетите ракети ‘9M729‘ против Украина во изминатите месеци го покажува непочитувањето на Путин кон САД и дипломатските напори на претседателот Трамп да ја заврши војната. Киев ги поддржува мировните предлози на Трамп, но Русија треба да се соочи со максимален притисок за да се натера на мир“, кажа Сибиха.

    Украина го повика Вашингтон да ѝ обезбеди ракети со долг дострел „томахавк“, кои не беа забранети според ИНФ, бидејќи во тоа време се лансираа само од море.

    Откако САД се повлекоа од ИНФ, кој забрануваше ракети со дострел од 500 до 5.500 километри лансирани од копно, Русија прогласи мораториум за распоредување ракети со среден дострел. Западот соопшти дека Русија веќе распоредила некои ракети „9M729“. На 4 август Русија објави дека повеќе нема да го ограничува распоредувањето ракети со среден дострел што можат да носат нуклеарна боева глава.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира