Русија тврди дека Украина ноќеска се обидела да го убие Владимир Путин со дронови. Ова следува откако утрово на социјалните мрежи се појавија снимки од мал облак од чад над Кремљ.
Кремљ кажа дека нападот го смета за планирана терористичка акција, објави новинската агенција РИА. Во нападот наводно учествувале два дрона, кои биле соборени од противвоздушната одбрана. Путин во тој момент не бил во Кремљ.
„Претседателот Путин не е повреден, ниту е причинета материјална штета на зградите на Кремљ. Ова беше обид за атентат на нашиот претседател во пресрет на Денот на победата на 9 мај. Русија го задржува правото да преземе одмазднички мерки“, пренесе РИА.
Руските власти уште претходно донесоа одлука за намалување на прославите на Денот на победата над фашизмот, откако во изминатиот период се случија низа експлозии и пожари низ земјата, кои им се припишуваат на проукраинските сили.