Русија лансирала 479 дронови кон Украина ноќеска во најголемиот ваков напад од почетокот на војната, објавија украинските воздушни сили. Покрај дроновите, биле испукани и 20 проектили од различен тип, а мета биле главно западните и централните делови на земјата.
„Противвоздушната одбрана уништи 277 дронови и 19 проектили во воздух. Само десет дронови или проектили ја погодиле целта. Едно лице е повредено“, соопштија украинските воздушни сили.
Иако Русија ги засили воздушните удари врз Украина, САД веруваат дека најавената одмазда на Владимир Путин за украинскиот напад врз руските воздушни бази сѐ уште не се случила, што веројатно ќе биде значаен, повеќекратен удар.
„Терминот на рускиот одговор е непознат, но се очекува во следните денови. Одмаздата веројатно ќе вклучи разни форми на воздушни капацитети, вклучувајќи дронови и проектили“, изјави еден американски функционер за „Ројтерс“.
Русија во петокот жестоко го нападна Киев, но американските функционери веруваат дека целосниот руски одговор допрва треба да се случи и негова мета би можеле да бидат владини згради и Украинската безбедносна служба, која го организираше нападот врз руските стратешки бомбардери.