Русија најави одржување на најголемата воена вежба во последните триесетина години, во која би учествувал персонал од 300.000 луѓе.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, кажа дека вежбата „Восток-2018“, најголема од 1981 година, е оправдана, имајќи го предвид „агресивниот и непријателски однос кон неговата земја“.
Учество ќе земат и единици од Кина и Монголија, а ќе се одржи од 11 до 15 септември на воени полигони во централна и источна Русија.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека во вежбите ќе учествуваат 36.000 тенкови и други вооружени оклопни возила, како и повеќе од 1.000 воени летала. Сите руски воздушни единици и две поморски флоти ќе бидат вклучени во вежбите во Сибир и на крајниот исток на земјата.
Големината на „Восток-2018“ е рамна на борбените сили ангажирани во една од големите битки од Втората светска војна.
Владимир Путин пред изборите најави дека неговиот приоритет е модернизација на армијата, што вклучува и нови нуклеарни проектили.