Руските власти во окупираните украински градови Херсон и Мелитопол почнаа да им издаваат руски пасоши на локалните жители. Новинската агенција „ТАСС“ објави дека денеска биле доделени 23 пасоши во Херсон, а слична церемонија се одржала и во Мелитопол.
Владимир Путин минатиот месец потпиша декрет со кој се поедноставува процедурата за добивање руски пасош за жителите на јужните украински региони Херсон и Запорожје. Украина го опиша декретот како правно неважечки.
„Сите жители на Херсон сакаат да добијат руско државјанство и руски пасош што е можно побрзо. Ова е почеток на нова ера за нас“, изјави Владимир Салдо, шефот на регионалната администрација назначена од Русија.
Руската војска освои најголем дел од регионот Херсон и најавено е дека таму ќе се одржи референдум за негово припојување кон Русија.