Русија почнала да ја бомбардира Украина со балистички проектили и лансери добиени од Северна Кореја, тврди Вашингтон. Портпаролот на советот за национална безбедност Џон Кирби изјави дека севернокорејската воена поддршка на Русија претставува значителна и загрижувачка ескалација. Москва негираше дека постои таква соработка.
Неколку часа по обвинувањата од САД, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун побара земјата да го зголеми производството на возила за лансирање проектили.
САД и претходно го обвинуваа Пјонгјанг дека ја снабдува Русија со оружје, но ова е првпат да споделат детали за балистички проектили, тврдејќи дека станува збор за самоводени ракети кои можат да имаат дострел од 900 километри.
„Веруваме и дека Русија планира да купи проектили со краток дострел од Иран, но досега не го направила тоа. Иран и Северна Кореја ја поддржуваат Русија и Украинците заслужуваат да знаат дека Америка ќе продолжи да биде со нив“, кажа Кирби.
Последниот пакет американска помош за Украина беше одобрен од Белата куќа на 27 декември, а разговорите за натамошна поддршка се заглавени во Конгресот поради противењето на најтврдокорните републиканци.