Русија подготвува анексија на окупираните украински територии според примерот на Крим, заради што планира да организира лажни референдуми најрано во септември, предупреди Вашингтон. Повикувајќи се на разузнавачки извори, портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби вели дека Русија веќе подготвува терен за анексија.
„Ова ќе ги опфати окупираните региони Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје. Сакаме тоа да му биде јасно на американскиот народ. Владимир Путин го подготвува сценариото од 2014“, кажа Кирби.
Русија го анектираше полуостровот Крим по референдумот што беше бојкотиран од поддржувачите на Киев, а меѓународната заедница го прогласи за нелегитимен.
„Москва веќе постави нелегитимни проруски функционери за да ги водат окупираните региони, со цел да се организираат референдуми за приклучување кон Русија. Ги разоткриваме руските планови за да знае светот дека секоја анексија е однапред смислена, незаконска и нелегитимна. Тие референдуми нема да бидат ни фер, ни слободни, а секое противење ќе биде потиснато“, изјави Кирби.