Володимир Зеленски ги повика сојузниците да го спроведат сето она што беше договорено во Париз оваа недела откако во денешниот руски воздушен напад врз Киев беше погодена и зградата на украинската влада, за првпат од почетокот на војната. Во нападот загинале најмалку тројца луѓе, вклучувајќи бебе.
Зеленски кажа дека Русија ноќеска лансирала 805 дронови и 13 проектили, од кои четири балистички.
„Светот може да ги принуди криминалците од Кремљ да запрат со убивањето, потребна е само политичка волја“, кажа Зеленски.
Украинската премиерка Јулија Свириденко изјави дека се оштетени покривот и горните катови од зградата на владата.
„Пожарникарите го гасат пожарот. Ќе ја обновиме зградата, но не можеме да ги вратиме изгубените животи“, рече Свириденко.
Засега не е јасно дали зградата била директно погодена или е оштетена од остатоци од соборени дронови. Новинските агенции објавија фотографии од хеликоптери како испуштаат вода врз зградата, додека над градот се издигнува голем облак од чад.
Нападот уследи неколку дена по средбата на „коалицијата на волните“ во Париз, каде што, според Емануел Макрон, 26 држави изразиле спремност да испратат трупи во Украина веднаш откако ќе се договори прекин на огнот. Русија ја отфрла можноста за испраќање западни трупи во Украина и порача дека тие би биле легитимна мета за напади.