Русија лансирала интерконтинентален балистички проектил во денешен напад врз Украина, што е прва позната употреба на вакво оружје од почетокот на војната. Овие проектили можат да носат нуклеарна глава и да летаат повеќе од 5.000 километри.
Воздушните сили на Украина го пријавиле лансирањето на проектилот, што следува откако американски и британски ракети со долг дострел беа испукани кон Русија, и покрај предупредувањата на Москва дека тоа ќе значи голема ескалација. Киев не кажа каков тип на проектил бил и каква боева глава носел.
Мета на денешниот напад бил централноисточниот град Днипро. Регионалниот гувернер Серхиј Лисак изјави дека во нападот биле оштетени индустриски објекти и биле предизвикани пожари низ градот, при што се повредени две лица.
„Русија во исто време лансираше хиперсоничен проектил ‘кинжал‘ и седум крстосувачки ракети, од кои шест се соборени. Интерконтиненталниот балистички проектил беше лансиран од рускиот регион Астрахан“, објавија украинските воздушни сили.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, одби да ги коментира извештаите дека Русија испукала интерконтинентален балистички проектил кон Украина.