Русија ракетираше воена база за обука во западна Украина, доближувајќи го нападот блиску до границата со Полска, откако руски дипломат предупреди дека Москва ги смета странските конвои со воена помош за Украина легитимни цели.
Осум ракети ја погодија базата Јаворив, која се наоѓа на 35 километри од границата со Полска. Локалните власти во Лвив, кој се наоѓа на 30 километри од базата, соопштија дека во нападот има 9 загинати и 57 повредени.
САД и НАТО пред војната редовно испраќаа воени инструктори во базата позната и како Меѓународен центар за одржување на мирот и безбедноста, за да ја обучуваат украинската војска. Во базата се одржуваа и НАТО вежби.
Руски авиони, исто така, го бомбардираа аеродромот во Ивано-Франкивск, град во Западна Украина на 250 километри од границата со Словачка и Унгарија. Градоначалникот Руслан Марцинкив кажа дека целта на Русија е да шири страв и паника.