Русија се подготвува за воен судир со западот во следните десетина години и би можела да биде спречена само со зајакнување на вооружените сили, објави естонската служба за надворешно разузнавање.
Голем број западни функционери предупредија на руска воена закана кон источното крило на НАТО, повикувајќи ја Европа да се вооружи.
Шефот на естонското разузнавање Каупо Росин изјави дека нивните проценки се засновани врз руските планови за удвојување на бројот на силите стационирани долж границите со Финска, Естонија, Летонија и Литванија.
„Русија избра пат кон долготрајна конфронтација и Кремљ веројатно предвидува можен конфликт со НАТО во следните десетина години. Воен напад од Русија е малку веројатен во скоро време, делумно и зашто мора да задржи војници во Украина и би можел да се спречи ако европските држави одговорат со еднакво зајакнување на своите вооружени сили. Ако не сме подготвени, веројатноста за руски воен напад би била многу поголема“, изјави Росин.
Естонија и останатите балтички држави ги зголемија своите вложувања во одбраната на повеќе од 2% од својот БДП уште откако Русија го анектираше Крим во 2014. Во исто време, и сојузниците од НАТО го зголемија своето присуство во овие држави. Германија планира да има 4.800 борбено подготвени војници во овој регион до 2027, што е нејзино прво постојано воено распоредување во странство од Втората светска војна.