Русија тврди дека одбила голема украинска офанзива во Доњецк, при што биле убиени 250 украински војници. Таа објави видеоснимка од наводната битка, која покажува напад на борбени возила во поле.
Нејасно е дали овие наводни напади значат почеток на долгоочекуваната украинска противофанзива, но Киев кажа дека нема да го најави нејзиниот старт.
„Украина лансираше голем напад во Доњецк со шест механизирани и два тенковски баталјони. Тие се обидоа да се пробијат низ она што Киев смета дека е најранливиот дел од фронтот, но безуспешно“, соопшти руското министерство за одбрана.
Володимир Зеленски викендов кажа дека Украина е спремна за противофанзивата, која се подготвуваше со месеци, но властите дополнително нагласија да не се шпекулира со акциите на украинската војска, зашто тоа му помага на непријателот.
„Плановите сакаат тишина. Нема да има официјална потврда на почетокот на противофанзивата“, кажа министерството за одбрана на Украина.
Влогот е голем, зашто Украина сака да им покаже на својот народ и на западните сојузници дека е способна да се пробие низ руската одбрана и да ослободи дел од окупираните територии. Заповедникот на копнените сили Олександр Сирски денеска кажа дека украинската војска продолжува со операциите во правецот на Бахмут, од каде што се повлекоа платениците на „Вагнер“, кои го предводеа повеќемесечниот напад на градот.