Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Украина се обидела да ја нападне резиденцијата на Владимир Путин во северна Русија и затоа преговарачката позиција на Москва ќе биде преиспитана. Украина кажа дека тоа е лага.
Русија тврди дека Украина ноќеска ја нападнала претседателската резиденција во регионот Новгород со 91 беспилотно летало со долг дострел, кои биле уништени од противвоздушната одбрана.
„Никој не бил повреден и немало штета“, рече Лавров.
Володимир Зеленски рече дека обвинувањето е лага, додавајќи дека Москва подготвува терен за напади врз владини згради во Киев.
„Руското тврдење е обид за поткопување на мировните преговори“, кажа тој.
Нејасно е дали Путин бил во резиденцијата „Долгие бороди“, која во минатото ја користеле и Сталин, Хрушчов и Елцин. Лавров рече дека руската војска веќе избрала мети за одмазднички напади.
„Ваквите неодговорни дејствија нема да останат без одговор. Нападот претставува државен тероризам“, изјави Лавров.
Лавров кажа дека нападот се случил за време на преговорите за евентуален мировен договор за Украина и дека иако Русија нема да ги напушти преговорите, ставот на Москва ќе биде преиспитан.



