Мостот што ги поврзува Русија и анектираниот полуостров Крим делумно беше отворен за автомобили ден по нападот во кој загинаа двајца луѓе. Украина не ја презеде одговорноста за нападот, за кој Русија кажа дека бил изведен со две беспилотни летала кои се движат по површината на водата.
Осудувајќи го нападот како терористички чин против клучна сообраќајна врска, Владимир Путин порача дека руската војска соодветно ќе одговори. Украинската војска соопшти дека утрово со дронови и проектили биле нападнати југот и истокот на земјата.
Рускиот вицепремиер Марат Хуснулин изјави дека автомобилите користат една лента за да го преминат Керчкиот Проток, надевајќи се дека мостот целосно ќе биде ставен во функција до средина на септември. Руското министерство за транспорт соопшти дека нема оштетувања на потпорните столбови, туку само на површината на мостот, додека железничкиот сообраќај на паралелната пруга бил вознобновен по неколкучасовен прекин.
Кримскиот мост беше отворен во 2018 и веќе беше цел на напади од почетокот на руската инвазија. По експлозиите во октомври минатата година, беше целосно обновен дури во февруари.