Русија започна со масовно производство на мобилни скривници што можат да заштитат од разни видови закани, објави истражувачкиот институт на руското министерство за вонредни ситуации. Според институтот, овие скривници, кои изгледаат како зајакнати бродски контејнери, можат да понудат заштита од радијација, експлозии, шрапнели, паднати остатоци од згради, опасни хемикалии и оган.
„Стандардната единица може да прими 54 луѓе, но можат да бидат и проширени“, кажаа од овој државен институт.
Војната во Украина влегува во, според некои, својата последна и најопасна фаза, додека руската војска напредува на истокот со најбрзото темпо уште од раните денови на конфликтот во 2022, а западот му дозволи на Киев да изведува ракетни удари врз Русија.
Москва одговори на ова така што ја промени својата нуклеарна доктрина, која дозволува нуклеарен одговор ако украинската војска употреби западно ненуклеарно оружје против Руската Федерација.
„Употребата на нуклеарно оружје е екстремна мерка, но ажурирањето на доктрината беше неопходно за да се усогласи со моменталната политичка ситуација“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.