Руските сили го прошириле фронтот во северната област Суми, велат аналитичари и официјални лица и сега го загрозуваат и истоимениот регионален главен град.
Напредувањето кон градот Суми следува откако Украина ја покажа својата способност да продолжи да се бори, изведувајќи серија амбициозни напади во изминатите денови, како вчерашниот врз Кримскиот мост.
Руското министерство за одбрана кажа дека неговите сили зазеле уште едно село во Суми, кој се граничи со рускиот регион Курск. Шефот на воената управа на Суми, Олег Григоров, изјави дека одржале состанок вчера, на кој се разговарало за одбранбената стратегија за регионот.
„Ситуацијата во регионот останува сложена и динамична, но под контрола. Руската војска постојано ги гранатира пограничните села. Во последниот напад врз градот Суми загинаа четворица цивили“, изјави Григоров.
Иван Шевцов, портпаролот на украинските бригади кои се борат во Суми, кажа дека руските сили освоиле територија од 15 километри долж фронтот, навлегувајќи шест-седум километри во длабочина.
„Ако Русите го освојат градот Јунакивка, и самиот град Суми ќе биде под директна закана“, рече Шевцов.
Украинскиот аналитички блог „Дип стејт“ објави дека руските сили се наоѓаат на 20-25 километри од Суми, со што градот е во дострелот на дроновите од фронтот.
Шевцов кажа дека Русија сака да го освои целиот регион Суми, а не само мали делови. Владимир Путин неодамна изјави дека Русија сака да создаде тампон зона во Суми, за да се заштити Курск од украински напади.