Доналд Трамп го предупреди Владимир Путин дека си игра со оган, што следува по три дена интензивни руски воздушни напади врз Украина, кога беа лансирани речиси илјада дронови и проектили.
„Путин не сфаќа дека доколку не бев јас, многу лоши работи ќе ѝ се случеа на Русија, навистина лоши! Тој си игра со оган“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Американскиот претседател ја заостри реториката кон Путин во изминатите денови, при што во една прилика за него кажа дека полудел и најави дека би можел да ги засили санкциите за Русија, што досега го избегнуваше.
Покрај тоа што одбива безусловно 30-дневно примирје, Русија жестоко ја напаѓаше Украина во изминатите денови, а нејзините сили зазедоа села во пограничниот регион Суми во североисточниот дел на земјата. Тамошните власти кажаа дека ова е дел од планот на Русија да создаде тампон зона во тој дел од Украина.
Специјалниот пратеник на САД за Украина Кит Келог кажа дека Русија сѐ уште не го испорачала ветениот меморандум кој би бил рамка за можен мировен договор.