Најмалку 17 луѓе се повредени во денешниот воздушен напад на детска болница и породилиште во Мариупол, кој веќе со денови е под опсада на руските сили. Украинските власти од регионот Доњецк кажаа дека меѓу повредените нема деца, но има трудници.
„Бројот на повредени деца е нула и се надеваме дека ќе остане така. Не ми е јасно како е можно во модерно време да бомбардираш детска болница“, изјави заменик-градоначалникот на Мариупол, Серхиј Орлов.
Русија утрово прогласи 12-часовно примирје заради евакуација на цивили и меѓу шесте градови требаше да биде и Мариупол. Во градот владее тешка состојба и веќе со денови нема вода, струја, греење и мобилни врски, а се појавува и недостиг на храна.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го опиша нападот на болницата како директен удар.
„Има деца под урнатини. Злосторство! Уште колку долго светот ќе биде соучесник кој игнорира терор. Затворете го небото веднаш. Ја имате таа моќ, но се чини дека ја губите човечноста“, кажа Зеленски.