Руска актерка е убиена во украински напад додека настапувала пред руските војници во окупираниот дел на источна Украина, објави нејзиниот театар. Салата во која настапувала Полина Менших била гранатирана на 19 ноември и Украина кажа дека притоа загинале и најмалку 20 руски војници.
Според локалните медиуми, Менших настапила на претстава во чест на празник на руската војска во сала која може да прими 150 луѓе и моментот на нападот бил снимен со камера. Менших им подлегнала на повредите во болница.
Портпаролот на украинската војска го потврди нападот кој се случил во селото Кумачове во регионот Доњецк, оддалечено 60 километри од линијата на фронтот.
Смртта на 40-годишната Менших ја објави и нејзиниот театар „Портал“ од Санкт Петербург.
Најжестоките борби во Украина во изминатиот период се одвиваат токму во Доњецк, особено кај градовите Бахмут и Авдивка.