Висок проруски функционер од украинскиот регион Запорожје потврди дека руските сили го напуштиле селото Роботине, повеќе од една недела откако Украина објави дека го ослободила. Евгени Балицки, гувернерот на Запорожје поставен од Русија, кажа дека повлекувањето било направено од тактички причини.
„Руската армија тактички го напушти ова населено место зашто веќе немаше смисла да се остане на така отворен простор, без можност за утврдување. Затоа таа се повлече на ридовите“, изјави Балицки.
Русија досега го немаше признато падот на Роботине, иако Украина уште на 28 август објави дека го ослободила. Иако ова мало село, кое пред војната имаше околу 500 жители, само по себе има мала важност, тоа лежи на стратешки пат кон окупираниот град Токмак, кој е копнен и железнички центар. Оттаму, пак, водат патишта кон клучниот град Мелитопол, кој е една од главните цели на украинската противофанзива. Токму затоа, Украина го славеше ослободувањето на Роботине.
Само неколку дена порано, малата руска неонацистичка паравоена група „Русич“, стационарана на првата линија на фронтот во Роботине, се закани дека веќе нема да се бори, откако еден од нејзините основачи и заповедници Јан Петровски беше уапсен во Финска. Тој е баран од Украина, каде што би можел да добие 15-20 години затвор ако биде екстрадиран. „Русич“ притоа ја обвини руската влада дека не презела ништо за да го заштити Петровски, кој има руско и норвешко државјанство.