РУСКИ ГЕНЕРАЛ ТВРДИ ДЕКА ГО СМЕНИЛЕ ОТКАКО ЈА КАЖАЛ ВИСТИНАТА ЗА ТЕШКАТА СИТУАЦИЈА ВО УКРАИНА

    РУСКИ ГЕНЕРАЛ ТВРДИ ДЕКА ГО СМЕНИЛЕ ОТКАКО ЈА КАЖАЛ ВИСТИНАТА ЗА ТЕШКАТА СИТУАЦИЈА ВО УКРАИНАИван Попов бил заповедник на 58. армија која се бори во јужниот регион Запорожје (Фото: Телеграм)

    Рускиот генерал Иван Попов откри дека бил сменет од својата раководна функција во Украина откако на шефовите на војската им ја кажал вистината за тешката ситуација на фронтот. Попов бил заповедник на 58. армија која се бори во јужниот регион Запорожје, каде што Украина почна противофанзива.

    Во својата видеопорака, што на Телеграм ја објави рускиот пратеник и пензиониран генерал Андреј Гурољов, генерал-мајорот Попов зборува за големата стапка на жртви и за недостигот на артилериската поддршка.

    „Беше неопходно или да се молчи и да се биде кукавица или да се каже како што е. Немам право да лажам во името на моите војници и паднатите другари, па ги нагласив сите постоечки проблеми“, вели Попов.

    Нејасно е кога и каде пораката била снимена, но Попов на неа се жали дека немаат доволно разузнавачки информации и соодветни артилериски оружја кои би им помогнале да ги одбиваат украинските напади. Тој тврди дека неговата смена била одобрена од министерот за одбрана Сергеј Шојгу откако била побарана од високите заповедници на војската, кои ги обвини за предавство.

    „Украинската војска не може да ги пробие нашите редови, но шефовите на нашата војска нѐ удрија одзади и нѐ обезглавија во најтешкиот момент“, вели Попов.

    Владимир Путин ги задржа Шојгу и началникот на генералштабот Валери Герасимов и по побуната на „Вагнер“, покрената за да се изнуди нивната смена. Шефот на американската војска Мајк Мајли изјави дека руското водство се соочува со значителни поделби и конфузија по побуната на платениците на Евгени Пригожин.

    „Има многу драма на највисоките нивоа. Не сум сигурен како ќе заврши сето тоа, но мислам дека уште не сме виделе сѐ“, кажа Мајли.

    Меѓу оние кои ги снема од јавноста по побуната е моќниот генерал Сергеј Суровикин, за кого од рускиот парламент кажаа дека одмора и моментално не е достапен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира