Руски товарен брод потонал во Средоземното Море некаде меѓу Шпанија и Алжир, при што двајца членови на екипажот се водат како исчезнати, објави руското министерство за надворешни работи.
Бродот „Урса мајор“ потонал по експлозија во неговиот машински простор и досега се спасени 14-мина од 16-темина членови на посадата, кои се превезени во Шпанија.
Официјални податоци велат дека бродот испловил од Санкт Петербург на 11 декември и последен пат испратил сигнал синоќа пред полноќ кога бил меѓу Шпанија и Алжир. На заминување од Санкт Петербург било посочено дека неговото одредиште е рускиот град Владивосток, а не сириското пристаниште Тартус, како што првично било наведено.
Сопственикот на бродот кажа дека тој превезувал специјализирани кранови што требало да бидат инсталирани во Владивосток.