Руски војник уби осуммина свои колеги во воена база на далечниот исток на земјата и истовремено рани уште двајца, објавија официјални лица.
Тие додаваат дека напаѓачот Павел Шамсутдинов, кој е приведен, имал психички проблеми.
Пукањето се случило во воената база во селото Горни, во близина на градот Чита, Сибир. Министерството за одбрана соопшти дека Шамсутдинов почнал да пука при смена на стражата, при што убил двајца офицери и шестмина војници. Руските медиуми објавија дека тој им пукал на жртвите во глава.
„Напаѓачот отворил оган во моментите на нервен слом поради лични проблеми што немаат никаква врска со воената служба“, објави Министерството.
Двајцата повредени се во сериозна состојба.