Китот за кој се веруваше дека шпионирал за Русија бил застрелан откако пред неколку дена беше пронајден мртов покрај брегот на Норвешка, велат активисти за заштита на животни. Телото на животното, кое инаку било здраво и релативно младо, беше пронајдено како плута во заливот покрај градот Рисавика.
Активистите кажаа дека на китот од видот белуга, чиј прекар беше Хвалдимир, имало повеќе рани од куршуми.
„Ќе ја истераме правдата за Хвалдимир. Раните на неговото тело се од таква природа што не може да се исклучи кривично дело“, изјави Регина Хауг, чија организација „Еден кит“ била основана за да го следи китот.
Таа ја повика полицијата да отвори истрага.
Со свои 15 години, Хвалдимир не беше стар, имајќи предвид дека овој вид китови може да живее до 60 години. Првпат беше забележан од норвешки рибари во април 2019 кај островот Ингоја. Носеше гоупро камера закачена на ремен на кој пишуваше „опрема на Санкт Петербург“. Тоа поттикна шпекулации дека китот би можел да биде шпион, за што експертите велат дека се случувало во минатото. Русија никогаш не одговори на овие обвинувања.