Најмалку две руски вооружени групи кои се борат против Кремљ упаднале од Украина во Русија преку нејзината западна граница, објавија тие на своите канали на Телеграм. Легијата Слобода за Русија и Сибирски баталјон објавија дека почнале напади на руската територија.
„Ќе ја повратиме нашата земја од режимот сантиметар по сантиметар“, напиша Легијата Слобода за Русија на Телеграм.
Руското министерство за одбрана соопшти дека се спречени прекугранични упади во регионите Курск и Белгород. Непотврдена снимка објавена на Телеграм покажува оклопни возила како влегуваат во погранични руски села.
Во минатото, руските власти ги опишуваа ваквите групи како марионети на украинската војска и на ЦИА, обвинувајќи ги дека сакаат да предизвикаат хаос во Русија.
Андриј Јусов, портпаролот на украинското воено разузнавање, изјави дека овие групи спроведуваат операции на руската територија независно од Украина. Тој изјави дека во акцијата учествува и трета група, Руски доброволен корпус.
„Луѓето ќе гласаат за кого сакаат тие, не за кого мораат. Русите ќе живеат слободно“, објави Легијата Слобода за Русија, алудирајќи на претстојните избори во Русија.
Овие групи претходно имаат преземено одговорност за неколку упади од Украина во Русија.