САД ги забранија продажбата и увозот на новата комуникациска опрема од пет кинески компании, вклучувајќи ги „Хуавеи“ и „ЗТЕ“, зашто претставуваат „неприфатлив ризик“ за националната безбедност. Ова е првпат американските регулатори да донесат ваква одлука на безбедносна основа.
„Хуавеи“ и други компании претходно демантираа дека ја снабдуваат кинеската влада со податоци.
„Федералната агенција за комуникации е посветена на заштитата на нашата национална безбедност, обезбедувајќи недоверлива комуникациска опрема да не се користи во рамките на нашите граници“, изјави претседателката на комисијата Џесика Розенворсел.
Бидејќи забраната не е ретроактивна, петте компании ќе продолжат да ги продаваат производите претходно одобрени од САД.
Ова е последната американска мерка против кинеските технолошки фирми, кои се сомничат за шпионирање. Основата на ваквата политика беше поставена од владата на Барак Обама и продолжи под Доналд Трамп и Џо Бајден.