КФОР постави дополнителни метални огради и бариери со бодликава жица во Звечан, два дена по судирите со српските демонстранти во кои беа повредени и 30 мировници, додека граѓаните од утрово повторно се собираат пред општинската зграда.
Завчерашниот обид да се спречи новоизбраниот албански градоначалник да ја преземе должноста во оваа општина со мнозинско српско население заврши со насилства и судири, во кои беа повредени над 80 луѓе. Блокади имаше и во Зубин Поток и Лепосавиќ, но тие поминаа без тензии.
И додека НАТО кажа дека ќе распореди уште 700 војници на северот, САД објавија дека воведуваат мерки против Косово, зашто властите ги игнорирале советите да не ги креваат тензиите во областите со мнозинско српско население.
„САД силно го советуваа косовскиот премиер Албин Курти да го промени текот на дејствувањето, но тоа беше игнорирано. САД разгледуваат и други мерки и моментално немаат ентузијазам да му помогнат на Косово во напорите да се здобие со пошироко меѓународно признание“, изјави американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер.
Поради насилниот обид за инсталирање на албанските градоначалници во тамошните општини, Косово е исклучено од учеството во голема воена вежба во Европа, предводена од САД. И Европската Унија ги обвини косовските власти дека ја дестабилизраат ситуацијата во северниот дел на земјата.
По вчерашниот мирен ден, граѓаните од утрово повторно протестираат во Звечан и засега нема тензии.