САД ја поддржаа иницијативата на Светската трговска организација (СТО) да се укине заштитата на интелектуалната сопственост врз вакцините против ковид-19. Потегот го предложија Јужна Африка и Индија, сметајќи дека така ќе се зголеми производството на вакцини на светот, додека фармацевтските компании се сомневаат дека тоа ќе ги постигне саканите ефекти.
„Ова е глобална здравствена криза. Вонредни околности бараат вонредни мерки“, изјави претставничката на САД во СТО, Кетрин Таи.
Таа сепак предупреди дека за ова ќе треба време, зашто е потребен консензус на сите 164 членки на СТО.
Јужна Африка и Индија ја предводеа групата од 60 земји кои во изминатите шест месеци се обидуваа да ги добијат патентите за ковид вакцини, но притоа се соочија со силен отпор од администрацијата на Доналд Трамп, Велика Британија и Европска Унија. Џо Бајден зазеде поинаков став и во претседателската кампања го поддржа укинувањето на патентите за ковид вакцини. Ако укинувањето биде одобрено, тоа ќе овозможи да се забрза производството и вакцините да станат подостапни за помалку богатите земји.
„Ова е историски, монументален момент во борбата против пандемијата“, изјави шефот на Светската здравствена организација Тедрос Адханом Гебрејесус, додека Меѓународната федерација на фармацевтски компании го опиша потегот како разочарувачки.