Американски борбен авион собори уште еден неидентификуван летечки објект во четврта таква операција овој месец. Претседателот Џо Бајден го нареди неговото соборување над езерото Харон близу канадската граница.
Пентагон соопшти дека предметот можел да го попречи комерцијалниот авиосообраќај, зашто летал на височина од 6.100 метри. Првпат бил забележан над воени локации во Монтана.
Предметот, кој не се сметаше за воена закана, беше опишан како осмоаголна структура со жици прикачени за неа. Тој бил соборен со еден проектил од авион „Ф-16“.
„Нема да ги категоризирам како балони. Со причина ги викаме предмети. Она што го гледаме се многу, многу мали предмети кои произведуваат многу, многу мал радарски пресек“, изјави заповедникот на Американската северна команда, генералот Глен Ванхерк, не исклучувајќи ја можноста дека станува збор за вонземски предмети.
Пентагон соопшти дека ваква серија инциденти во американскиот воздушен простор досега не е забележана во мирно време. Сè почна на 4 февруари, кога покрај брегот на Јужна Каролина беше соборен наводен кинески шпионски балон. Кина негираше дека стануваше збор за шпионски уред, туку дека е метеоролошки.
Потоа беа соборени уште две летала: во петокот над северна Аласка и следниот ден над канадската провинција Јукон. Властите досега не кажаа каква била нивната намена.
„Разузнавачките служби веруваат дека тие биле шпионски балони, иако биле многу помали од првиот соборен“, изјави лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер.